ЗАКОН ЗА ДОНАЦИИ И ЗА СПОНЗОРСТВА ВО ЈАВНИТЕ ДЕЈНОСТИ

(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/06, 86/08, 51/11, 28/14 и 153/15)

 
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој закон се уредуваат давањето и примањето на донациите и спонзорствата со кои давателот и примателот можат да бараат даночни поттикнувања, целта на давањето и примањето, давателите и примателите, предметот, користењето, даночните поттикнувања и евидентирањето и контролата на донациите и спонзорствата во јавните дејности.

 

Член 2

Со донацијата и спонзорството во јавните дејности со кои се остварува јавниот интерес, се придонесува за подобрување на личниот и заедничкиот живот на граѓаните, здруженијата на граѓаните и фондации, физичките и правните лица во Република Македонија, како и за нивната економска благосостојба и социјална правда.

 

Поимник 

Член 3

Одделни поими употребени во овој закон го имаат следново значење:

  1. Донација е доброволна и безусловна помош во пари, добра и услуги која не создава директна корист за давателот ниту обврска за враќање од примателот на донацијата и која може да биде дадена за цели од јавен интерес или за поддршка на активностите на примателот.

Под донација, во смисла на овој закон, се подразбираат и жирални давања, теле-давање и организирани настани за прибирање на средства;

  1. Спонзорство е доброволна финансиска исплата, давање добра или услуги за конкретен проект и/или активност, кои овозможуваат директна корист на давателот како што се промоција на име, фирма и заштитен знак на давателот на спонзорството;
  2. Јавна дејност е дејност во областа на заштита на правата на човекот и граѓанинот, образованието, науката, развој на информатичкото општество и пренос на електронски податоци, културата, спортот, здравството, социјалната заштита, заштитата на лица со инвалидитет, крводарителството, детската заштита, заштитата на животната средина и други дејности утврдени со закон како јавна дејност;
  3. Јавен интерес е поддржување или промовирање на дејности во областа на заштитата на човековите права, на промоција на културата, етиката, образованието, науката, развој на информатичкото општество и преносот на електронските податоци, спортот, заштитата на животната средина, социо-хуманитарните дејности, развојот на граѓанското општество, промовирање на крводарителството, промоција на меѓународната соработка и други дејности утврдени со закон;
  4. Домашно физичко лице е граѓанин на Република Македонија, даночен обрзник;
  5. Странско физичко лице е лице, странски државјанин, бегалец или апатрид кој престојува во Република Македонија или кој живее во друга држава;
  6. Домашно правно лице се смета јавна установа, единица на локална самоуправа, здружение на граѓани и фондации од јавен интерес, трговски друштва, орган на државна управа и друг субјект кој со регистрација пред надлежен орган стекнал својство на правно лице;
  7. Странско правно лице е секое правно лице кое има фирма запишана во трговски регистар во странство или ако е запишано во трговскиот регистар во неговата земја и странски меѓународни невладини организации, фондации, сојузи и нивни подружници кои се непрофитни и
  8. Промоција е афирмативно истакнување на името, фирмата и заштитниот знак на давателот на донацијата и спонзорството при давање на донација и спонзорство за вршење на јавна дејност.

 

Член 4

(1) Давателот и примателот на донацијата и спонзорството склучуваат договор во писмена форма, согласно со Законот за облигационите односи.

(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, кога примател на донација е здружение или фондација која се стекнала со статус на организација од јавен интерес согласно со Законот за здруженија и фондации или кога примател на донација е здружение или фондација која согласно со основачкиот акт е основана за конкретна финансиска поддршка во врска со јавен интерес утврден со закон, може да не се склучува договор во писмена форма, при што како основ за даночно поттикнување ќе се смета извршената уплата на финансиски средства на посебна трансакциска сметка на примателот на донацијата за таа намена, од моментот на упис во регистар на здружение или фондација согласно со закон до конечното остварување на јавниот интерес за кој се дава конкретна финансиска поддршка.

(3) Во случај на прибирање на средства преку теледавања, примателот на донацијата обезбедува потврда за примени средства преку телефонска сметка од телеоператорот на месечно ниво, доколку периодот во кој сметката за донации е отворена е подолг од еден месец.

(4) Во случај на прибирање на средства од организирани настани, организаторот на настанот средствата прибрани за донацијата ги уплатува на трансакциската сметка на примателот на донацијата во рок од 30 дена од денот на завршувањето на настанот.

(5) Предмет на договорот од ставот (1) на овој член мора да биде остварување на јавен интерес определен со членот 3 точка 4 од овој закон.

(6) За донации од членот 3 точка 1 од овој закон на барање на давателот примателот му издава писмена потврда.

(7) Формата, содржината и начинот на издавање на писмената потврда од ставот (6) на овој член ги пропишува министерот за правда.

 

Член 5

Други закони можат да уредуваат прашања за донирањето и спонзорирањето, но се применуваат одредбите на овој закон за сите прашања што не се уредени во тие закони.

 

II. ЕЛЕМЕНТИ НА ДОНАЦИЈАТА И СПОНЗОРСТВОТО

 

  1. Давател на донација и спонзорство

 

Член 6

(1) Давател на донација и спонзорство може да биде домашно и странско физичко и правно лице.

(2) Давател на донација и спонзорство не може да биде физичко и правно лице чие дејствување не е во согласност со Уставот, законите на Република Македонија и со меѓународните договори кои Република Македонија ги склучила или им пристапила.

 

  1. Примател на донација

 

Член 7

(1) Примател на донација може да биде домашно правно лице.

(2) Како примател на донација може да биде и странско правно лице кое има непрофитен карактер за остварување јавен интерес во друга држава во случаите на елементарни непогоди, природни и хуманитарни катастрофи.

(3) Примателот на донацијата станува сопственик на донацијата и ја користи исклучиво за:

– намената определена во договорот за донација од членот 4 став (1) од овој закон,

– намената за која е отворена посебна трансакциска сметка, односно за целта на дознаката во платниот налог со кој се донира, во случај на жирални давања,

– намената за која е отворена телефонска сметка во случај на теледавање и

– целта за која е организиран настан, кога станува збор за прибирање на средства на организирани настани.

(4) Објавувањето на името на давателот на донацијата во периодичните и годишните извештаи, како и во извештаите за користењето на донацијата и во јавната промоција на донаторот не го менува даночниот третман на донацијата.

 

  1. Примател на спонзорство

 

Член 8

(1) Примател на спонзорство може да биде домашно правно лице кое врз основа на применото спонзорство ги извршува обврските што произлегуваат од договорот за спонзорство.

(2) Правата и обврските од договорот за спонзорство мораат да бидат во согласност со Уставот, законите на Република Македонија и со меѓународните договори кои Република Македонија ги склучила или им пристапила.

 

Член 9

Објавувањето на името, фирмата и заштитниот знак на давателот на донацијата и на спонзорството во јавните, печатените и електронските медиуми не се смета за реклама.

 

  1. Предмет на донација и спонзорство

 

Член 10

(1) Предмет на донацијата и спонзорството се:

– финансиски средства,

– секаков вид добра и услуги, вклучувајќи и материјални добра, сопствено произведени или набавени и

– завештанија и други преносни права.

(2) Предметот на донацијата и спонзорството мора да е во согласност со дејноста на примателот на донацијата и спонзорството.

(3) Предмет на донацијата и спонзорството не можат да бидат добра и услуги чиј промет е забранет со закон.

 

  1. Цели на донацијата и спонзорството

 

Член 11

(1) Цел на донацијата и спонзорството е остварување, унапредување, промоција и поддршка на дејностите од јавен интерес.

(2) Донација се дава на примателот на донацијата со цел да се задоволат неговите декларирани, јавно утврдени потреби и цели и/или да се решат одредени состојби и проблеми.

(3) Спонзорство се дава на примателот на спонзорството за имплементација на јавниот интерес од определена јавна дејност дефинирана во договорот за спонзорство.

 

III. ДАНОЧНИ ПОТТИКНУВАЊА НА ДОНАЦИЈАТА И СПОНЗОРСТВОТО

 

  1. Корисници на даночни поттикнувања

 

Член 12

Давателот и примателот на донацијата и спонзорството имаат право на даночни поттикнувања предвидени со овој закон.

 

  1. Даночни поттикнувања кај персоналниот данок на доход

 

Член 13

(1) Физичко лице кое донира финансиски средства на правно лице според одредбите од овој закон, a врз основа на договорот за донација, има право на намалување на пресметан, а неплатен персонален данок на доход или враќање на платен персонален данок на доход утврден врз основа на неговата годишна даночна пријава (образец ПДД – ГДП) во висина на донацијата, но не повеќе од 20% од износот на неговиот годишен персонален данок на доход, а најмногу до 24.000 денари. За остварување на даночното поттикнување физичкото лице – давател на донацијата кон годишната даночна пријава доставува копија од договорот за донација, копија од решението донесено од Министерството за правда со кое се потврдува јавниот интерес на донацијата, писмена потврда за примена донација, како и доказ за уплатата на средствата.

(2) Персонален данок на доход не се плаќа на примањата по основ на примени донации во согласност со одредбите од овој закон.

(3) Начинот на спроведување на даночното поттикнување кај персоналниот данок на доход од ставовите (1) и (2) на овој член го пропишува министерот за финансии.

 

  1. Даночни поттикнувања кај данокот на добивката

 

Член 14

(1) На даночниот обврзник на данокот на добивка кој донирал средства на правно лице износот на дадената донација во тековната година според одредбите на овој закон му се признава како расход во висина до 5% од вкупниот приход.

(2) На даночниот обврзник на данокот на добивка кој спонзорирал средства на правно лице износот на даденото спонзорство во тековната година според одредбите од овој закон му се признава како расход во висина до 3% од вкупниот приход.

(3) За остварување на даночното поттикнување од ставовите (1) и (2) на овој член правното лице – давател на донацијата кон Даночниот биланс доставува копија од договорот за донација, копија од решението донесено од Министерството за правда со кое се потврдува јавниот интерес на донацијата, писмена потврда за примена донација, како и доказ за уплатата на средствата.

(4) Начинот на спроведување на даночното поттикнување кај данокот на добивка од ставовите (1) и (2) на овој член го пропишува министерот за финансии.

 

  1. Даночни поттикнувања кај данокот на додадена вредност

 

Член 15

(1) Прометот на добра и услуги од давателот кон примателот на донацијата, извршен за реализација на донација од јавен интерес, во согласност со овој закон, се смета како промет согласно со членовите 3 став (3) точки 1 и 2 и 6 став (3) точки 1 и 2 од Законот за данокот на додадена вредност.

(2) За плаќање на данокот на додадена вредност кој е пресметан во фактурата за прометот наведен во ставот (1) на овој член и уплатен од вршителот на прометот на добра и услуги на посебна сметка во Буџетот на Република Македонија, се обезбедуваат средства од Буџетот на Република Македонија. Уплатениот данок се враќа на вршителот на прометот врз основа на доставено барање од примателот на донацијата.

(3) Начинот на спроведување на даночното поттикнување од ставот (1) на овој член, како и формата и содржината на барањето од ставот (2) на овој член ги пропишува министерот за финансии.

 

Член 15-а

(1) Кога примател на донација добива финансиски средства и истите ги користи за плаќање на набавки на добра и услуги со цел за реализација на јавниот интерес, пресметаниот данок на додадена вредност во фактурата за прометот на добра и услуги издадена кон примателот на донацијата и уплатен од вршителот на прометот на посебна сметка во Буџетот на Република Македонија, се враќа на вршителот на прометот врз основа на доставено барање од примателот на донацијата.

(2) Начинот на спроведување на даночното поттикнување од ставот (1) на овој член, како и формата и содржината на барањето од ставот (1) на овој член ги пропишува министерот за финансии.

 

Член 15-б

(1) Од данокот на додадена вредност без исклучување на правото на одбивка на претходниот данок се ослободува:

а) услуга за право на влез на културен, спортски или друг јавен настан, доколку целокупниот приход е наменет и се употребува за финансирање на активност од јавен интерес определен со членот 3 точка 4 од овој закон и

б) услуга од страна на телекомуникациски оператор со која се овозможува донирање на парични средства за финансирање на активност од јавен интерес определен со членот 3 точка 4 од овој закон.

(2) Начинот на спроведување на даночното поттикнување од ставот (1) на овој член го пропишува министерот за финансии.

 

  1. Даночни поттикнувања кај даноците на имот

 

Член 16

(1) Донацијата во предмети и материјални добра е ослободена од данокот на наследство и подарок кога давателот му го пренесува правото на плодоуживање и користење на примателот.

(2) Донацијата во предмети и материјални добра е ослободена од данок на имот во наредните пет години, по годината во која е дадена донацијата.

 

Член 17

(1) На странско правно и физичко лице, по негово барање, Управата за јавни приходи (во натамошниот текст: УЈП) му издава документ со кој се потврдува дека донирал или спонзорирал во дејност од јавен интерес во Република Македонија.

(2) Документот од ставот (1) на овој член се издава со цел давателот на донацијата и спонзорството да добие даночно поттикнување за данокот на добивка во неговата земја.

 

  1. Изземање од даночни поттикнувања

 

Член 18

Даночните поттикнувања не можат да се остварат кога донацијата и спонзорството се употребуваат за:

1) активности на примателот насочени кон поддршка на политички партии и партиски кампањи и

2) давање од претпријатија на други претпријатија.

 

IV. ЕВИДЕНТИРАЊЕ, ОТЧЕТНОСТ И КОНТРОЛА

 

  1. Известување за користењето на донацијата и спонзорството

 

Член 19

(1) Давателот и примателот на донацијата и спонзорството се должни да изготват извештај за дадената и за добиената донација и спонзорство кој треба да ги содржи следниве податоци:

1) име и назив на давателот и на примателот;

2) име и назив на крајниот корисник;

3) опис на предметот на донација и на спонзорството кој овозможува нивно идентификување со назначување на количината, вредноста и другите негови особености;

4) крајна употреба на предметот на донацијата и спонзорството и

5) други податоци.

(2) Договорот за донацијата и спонзорството од членот 4 на овој закон и извештајот од ставот (1) на овој член задолжително се доставува до УЈП, доколку со овој закон за нив се предвидени даночни поттикнувања, најдоцна 30 дена од денот на исполнувањето на договорот.

(3) Договорот за донацијата и спонзорството, како и секоја друга документација која е поврзана со донацијата и спонзорството, мора да се чува најмалку пет години од завршувањето на календарската година во која е исполнета обврската од договорот.

 

  1. Контрола на користењето на донацијата и спонзорството

 

Член 20

(1) УЈП и други надлежни органи го контролираат давањето, примањето и користењето на донацијата и спонзорството во случаи на примена на даночни поттикнувања во согласност со овој закон.

(2) УЈП и други надлежни органи, доколку при контролата утврдат неправилности и злоупотреби при користењето на донацијата и спонзорството, поднесуваат прекршочна или кривична пријава.

 

  1. Заштита на јавниот интерес

 

Член 21

(1) На барање за потврдување на јавен интерес поднесено од давателот или примателот на донацијата, односно спонзорството согласно со ставот (8) на овој член, Министерството за правда издава решение со кое го потврдува јавниот интерес на дадената донација или спонзорство.

(2) Кон барањето од ставот (1) на овој член се приложува Договорот за донација, односно спонзорство, освен во случаите од членот 4 став (2) од овој закон кога примател на донацијата е здружение, односно фондација, примателот на донацијата кон барањето од ставот (1) на овој член го приложува основачкиот акт на примателот, решение за стекнување на статус на организација од јавен интерес за организации од јавен интерес кои го стекнале тој статус согласно со Законот за здруженија и фондации, тековна состојба на примателот издадена од Централниот регистар на Република Македонија не постара од шест месеци, извод од уплатените средства на посебната трансакциска сметка на примателот на донацијата и писмена изјава заверена на нотар со која под полна материјална и кривична одговорност изјавува дека нема склучено писмен договор со давателот на донацијата.

(3) Барањето од ставот (1) на овој член се поднесува на два идентични обрасци со прилог на докази.

(4) Министерството за правда е должно во рок од пет дена од приемот на барањето од ставот (1) на овој член да побара мислење за секое поединечно барање врз основа на надлежностите од соодветните органи, кое мислење е основ за решавање на барањето од ставот (1) на овој член.

(5) Надлежните органи од ставот (4) на овој член се должни да го достават мислењето до Министерството за правда во рок од десет дена од приемот на барањето.

(6) Министерството за правда во рок од 15 дена од добивањето на мислењето од ставот (5) на овој член издава решение со кое го потврдува или не го потврдува јавниот интерес за дадената донација или спонзорство.

(7) Доколку Министерството за правда не донесе решение со кое го потврдува или не го потврдува јавниот интерес во рокот од ставот (6) на овој член, подносителот на барањето има право во рок од три работни дена да поднесе барање до писарницата на министерот за правда и министерот за правда да донесе решение. Доколку министерот за правда нема писарница, барањето се поднесува во писарницата на седиштето на Министерството за правда.

(8) Формата и содржината на барањата од ставовите (1) и (7) на овој член ги пропишува министерот за правда.

(9) Кон барањето од ставот (7) на овој член подносителот на барањето поднесува и копија од барањето од ставот (1) на овој член.

(10) Министерот за правда е должен во рок од пет работни дена од денот на поднесувањето на барањето од ставот (7) на овој член до писарницата на министерот за правда, да донесе решение со кое барањето од ставот (7) на овој член е уважено или одбиено. Доколку министерот за правда нема писарница, барањето се поднесува во писарницата на седиштето на Министерството за правда.

(11) Доколку министерот за правда не донесе решение во рокот од ставот (10) на овој член, подносителот на барањето може да го извести Државниот управен инспекторат во рок од пет работни дена.

(12) Државниот управен инспекторат е должен во рок од десет дена од денот на приемот на известувањето од ставот (11) на овој член да изврши надзор во Министерството за правда дали е спроведена постапката согласно со закон и во рок од три работни дена од денот на извршениот надзор да го извести подносителот на барањето за преземените мерки.

(13) Инспекторот од Државниот управен инспекторат по извршениот надзор согласно со закон донесува решение со кое го задолжува министерот за правда во рок од десет дена да одлучи по поднесеното барање, односно да го одобри или одбие барањето, и да го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копија од актот со кој одлучил по поднесеното барање.

(14) Доколку министерот за правда не одлучи во рокот од ставот (13) на овој член, инспекторот ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка за прекршок утврден во Законот за управната инспекција и ќе определи дополнителен рок од пет работни дена, во кој министерот за правда ќе одлучи по поднесеното барање за што во истиот рок ќе го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копија од актот со кој одлучил по поднесеното барање. Инспекторот во рок од три работни дена ќе го извести подносителот на барањето за преземените мерки.

(15) Доколку министерот за правда не одлучи и во дополнителниот рок од ставот (14) на овој член, инспекторот во рок од три работни дена ќе поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител и во тој рок ќе го извести подносителот на барањето за преземените мерки.

(16) Доколку инспекторот не постапи по известувањето од ставот (12) на овој член, подносителот на барањето во рок од пет работни дена има право да поднесе приговор до писарницата на директорот на Државниот управен инспекторат. Доколку директорот нема писарница, барањето се поднесува во писарницата на седиштето на Државниот управен инспекторат.

(17) Директорот на Државниот управен инспекторат е должен во рок од три работни дена да го разгледа приговорот од ставот (16) на овој член, и доколку утврди дека инспекторот не постапил по известувањето од подносителот на барањето согласно со ставовите (12) и (13) и/или не поднесе пријава согласно со ставовите (14) и (15) од овој член, директорот на Државниот управен инспекторат ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка за прекршок утврден во Законот за управната инспекција за инспекторот и ќе определи дополнителен рок од пет работни дена во кој инспекторот ќе изврши надзор во надлежниот орган дали е спроведена постапката согласно со закон и во рок од три работни дена од денот на извршениот надзор ќе го извести подносителот на барањето за преземените мерки.

(18) Доколку инспекторот не постапи и во дополнителниот рок од ставот (17) на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат ќе поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител против инспекторот и во рок од три работни дена ќе го извести подносителот на барањето за преземените мерки.

(19) Во случајот од ставот (18) на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат веднаш, а најдоцна во рок од еден работен ден, ќе овласти друг инспектор да го спроведе надзорот веднаш.

(20) Во случаjот од ставот (19) на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат во рок од три работни дена ќе го информира подносителот на барањето за преземените мерки.

(21) Доколку директорот на Државниот управен инспекторат не постапи согласно со ставот (17) од овој член, подносителот на барањето може да поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител во рок од осум работни дена.

(22) Доколку министерот за правда не одлучи во рокот од ставот (15) на овој член, подносителот на барањето може да поведе управен спор пред надлежниот суд.

(23) Постапката пред Управниот суд е итна.

 

Член 22

(1) Ако донацијата и спонзорството немаат карактер на донација и спонзорство од јавен интерес, УЈП донесува решение со кое се укинува правото на даночни поттикнувања и го доставува до прекршителот (давателот и/или примателот на донацијата и спонзорството).

(2) Против решението од ставот (1) на овој член, прекршителот има право на жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

 

V. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

 

Член 23

(1) Глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе се изрече на правното лице – примателот на донацијата и спонзорството, ако не склучи договор во писмена форма (член 4 став (1) од овој закон).

(2) Глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече на за прекршок правното лице – примателот на донацијата и спонзорството, ако не изготви извештај за дадената и за добиената донација и спонзорство (член 17 став (1)).

(3) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече за прекршок од ставoвите (1) и (2) на овој член на одговорното лице во правното лице.

 

Член 24

(1) Глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок правното лице – примателот на донацијата и спонзорството, ако не ги користи во согласност со договорот, а предметот на донацијата и спонзорството се враќа на давателот на донацијата и спонзорството (член 7 став (3) и член 8 став (1)).

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече за прекршок од ставот (1) на овој член на одговорното лице во правното лице.

 

Член 25

(1) Глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок правното лице – примателот на донацијата и спонзорството, ако договорот и другата документација не се чува најмалку пет години (член 19 став (3)).

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече за прекршок од ставот (1) на овој член на одговорното лице во правното лице.

 

Член 26

Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичкото лице за непочитување на одредбите од членот 4, членот 7 став (3), членот 8 став (1), членот 17 став (1) и членот 19 став (3) на овој закон.

 

Член 26-а

Одмерувањето на висината на глобата за правното лице се врши согласно со Законот за прекршоци.

 

VI. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

 

Член 27

За спроведување на овој закон е надлежно Министерството за правда.

 

Член 28

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а ќе се применува од 1 јануари 2007 година.

top